Некогаш одамна, Господ го немало седум дена од царството небесно. Кога повторно се појавил, Архангел Гаврил го прашал:
–  Каде бевте?
–  Гледај што направив, гордо рекол Господ и покажал долу меѓу облаците.
–  Што е тоа? – збунето прашал Гаврил.
–  Планета, рекол Господ. – А направив да има и живот. Ја нареков Земја. Тоа ќе биде место со многу добар баланс.
–  Баланс? – прашал се уште збунет Архангел Гаврил.
Господ почнал да му објаснува, покажувајќи на различни делови од Земјата:
–  На пример, Северна Европа ќе биде место со големи можности и богатство, додека Јужна Европа ќе биде место со многу пријатна клима, Блискиот Исток секогаш ќе биде место со конфликти. Ваму ставив континент со жолти, а ваму континент со црни луѓе. А, тука ја ставив Америка. Северна Америка ќе биде богата, додека јужна ќе биде сиромашна, но затоа топла и пријателска. Го забележуваш ли балансот?
–  Да – рекол Архангел Гаврил.
Импресиониран од Господовото дело, покажал на едно место во Југоисточна Европа.
–  А, што е ова? – прашал.
–  Ах, рекол Господ. Тоа е Македонија. Најславното место на Земјата. Таму направив да има прекрасни планини со врвови покриени со снег, недопрени извори, потоци, шуми, реки, ливади, езера, рудно богатство, плодни полиња на кои успеваат најдобрите домати, краставици, јаболка, лубеници, грозје…….. Таму ќе живеат Македонците. Тие ќе бидат многу способни, паметни, вредни и талентирани луѓе.
Архангел Гаврил се воодушевил од тоа што го видел и слушнал, но едно го збунувало – Но, вие рековте дека ќе има баланс?!
Господ одговорил:
– Чекај само да видиш какви соседи им подготвив.